Оваа партија предводена од Христијан Мицкоски или блокира или копира слогани и концепти од СДСМ, но со сигурност останува на спротивната страна од интересите на граѓаните и државата, обвинува владејачкиот СДСМ. Од партијата додаваат дека пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ употребиле низа навреди и направиле обиди за физички напад со цел да ја блокираат Комисијата за образование наука и спорт.
-Овие пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со закани се обидоа да ги опструираат измените и дополнувањата на Законот за наставници и стручните соработници во основните и средните училишта и Законот за бирото за развој на образованието. ВМРО-ДПМНЕ се противат над 4.700 наставници и стручни соработници во образованието да добијат трајно вработување. Тие толку интензивно се спротивставуваат на ова трајно решение за наставниците и стручните соработници, што се подготвени и со насилство да ги блокираат измените во Законот, велат од СДСМ.
Нема боја што може да го сокрие, ниту да го промени деструктивниот нарав на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, додаваат од СДСМ, алудирајќи на новиот слоган на ВМРО-ДПМНЕ.
-Со какви нови бои да се премачкаат, не можат да го променат фактот дека тие остануваат исти – партија која кочи, блокира, брани криминал – партија која работи против интересите на граѓаните и на државата. Во ВМРО-ДПМНЕ нема ништо ново. И Христијан Мицкоски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се лажат дека со употреба на сила, навреди, закани, насилство ќе ги сопрат реформите кои се во интерес на граѓаните, се лажат дека со копирање ќе можат да добијат некој поен плус но пораз на локалните избори не им бега, додаваат од СДСМ.