СДСМ: Снимката за Бранко протече по грешка

by Фокус

Од СДСМ велат дека делот од сминката што осамна во медиумите, која открива како шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, му вели на новинарот Драган Павловиќ – Латас дека поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, му нудел трампа Карпош за Центар на локалните избори во 2013 година, протекла по грешка.

– Ние на прес-конференциите ги објавуваме најбитните делови од разговорите, а потоа на интернет ги ставаме цели за да не испадне дека сме ги монтирале. Но, конкретниот разговор имаше дел што треба да се објави, бидејќи се однесува на изборни нeрегуларности, но и дел што не беше во план да оди, како оној за Црвенковски, како и за приватни работи на други луѓе. Грешка е што нашите не го исекле – неофицијално велат од СДСМ.

Инаку, вчера градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, објави пакет-разговори, кои покажуваат какви методи користела владејачката ВМРО-ДПМНЕ во битката за централната скопска општина. Притоа, го презентираше разговорот меѓу Мијалков и Латас, во кој двајцата разговараат дека не треба да се предавааат во битката за Центар, постизборно да го преземат општинскиот совет и, како што велат, да го стават Жерновски во машина.

Вакви селектирани разговори се појавија и на јутјуб-каналот, но во цедеата во папките за новинарите беа снимени цели разговори. Што се однесува до конкретниот разговор, целосната снимка покажува дека во еден миг Мијалков му кажува на Латас како Црвенковски му ја нудел општина Центар во замена за Карпош.

– Бранко ни вика – вие да гласате против Стевчо Јакимовски, а ние против Жерновски. Сакаше да го пушти низ вода. Со еден шамар со две муви да убие, ем Стевчо, ем Андреј, зашто тој ништо не доби – вели Мијалков.

Од кабинетот на екс претседателот Црвенковски само кусо изјавуваат дека со индигнација одбиваат да коментираат вакви ординарни глупости.

Жерновски не беше достапен за коментар.

Поврзани новости