Од СДСМ повторно реагираа на вчерашната одлука на Европската комисија, која ја суспендираше финансиската помош за Македонија од 27 милиони евра.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а и официјалниот став на Владата беше дека ова не е санкција од ЕУ туку само намалување на програмските средства. И во двете соопштенија за овој потег на Брисел се обвинува опозицијата.
Од СДСМ пак, велат дека постојано алармирале дека средствата од ИПА-фондовите власта не ги искористува во соодветните сфери, и нивното суспендирање сметаат дека е резултат на лошите политики на власта.
-Тоа што Европската унија реши да и скрати дел од средствата од ИПА на Македонија, е лоша вест, а виновникот за тоа Европската комисија точно го адресираше, односно одговорноста точно ја лоцираше во неспособноста и немањето капацитет на владата за спроведување реформи за коишто постојано повикува и алармира ЕК, преку меѓународни извештаи направени со скенирање на состојбите во Македонија, вели Љупчо Николовски од СДСМ.
Николовски потенцира дека санкциите од ЕУ, најмногу ќе ги почувстуваат граѓаните на Македонија.
-За жал, како резултат на криминалните политики на власта и прекршувањето на Договорот од Пржино, постојано, од страна на ВМРО-ДПМНЕ, и одолговлекување на политичката криза, Македонија се соочува со вакви мерки. За жал тоа е на штета на сите граѓани – порача Николовски.