Во првите девет месеци од оваа година, произведени се 1.138 гигават часови (Gwh) помалку струја од планираното! Планирано било производство на 4.657 гигават часови струја а произведени се само 3.519. Наместо домашна произведена струја зголемен е увозот на електрична енергија за над 700 гигават часови, изјави денеска пратеникот од редовите на СДСМ, Васко Ковачевски.
– Планиран бил увоз на само 1.569 а увезени се 2.285 гигават часови. За само 9 месеци од оваа година. За овој период над 40 отсто од вкупната струја е увезена а тоа го плаќаат граѓаните и фирмите. Факт е дека Македонија се помалку произведува, а се повеќе увезува струја. Ако се земе во предвид откажувањето на Блок 1 во РЕК Битола, застојот во ХЕЦ Маврово и РЕК Осломеј, до крајот на годината овие податоци ќе бидат уште полоши – додаде Ковачевски.