Многу семејства живеат во тешка сиромаштија, луѓе се смрзнуваат, деца умираат од глад, предупредува опозицискиот СДСМ на денешната прес-конференција.
– Дека алармот за детската сиромаштија во Македонија треба да се вклучи зборува и Годишниот извештај на Првата детска амбасада Меѓаши. На нивниот СОС телефон децата најмногу пријавувале сиромаштија во нивните семејства, 55 деца побарале материјална или финансиска помош. Ова говори дека загрозената семејна егзистенција, сиромаштијата, болно, потресително, допрела до невината, кревка детска душа. Додека деца на СОС телефон очајно бараат парче леб, додека по улиците мрзнат деца, возрасни и стари, а Црната хроника во весниците се полни со шокантни вести за починати деца од глад, како Македонија да е Африка – оваа власт потроши половина милион евра на кампања за здрава храна – рече Мила Царовска од СДСМ.
Според неа, децата станаа жртви на системот кој има обврска да се грижи за нив, да ги штити и да превенира секаква злоупотреба.