СДСМ денеска предложи десет мерки со кои би се зголемила транспарентноста со која ќе се трошат народните пари од буџетот во иднина.
1. Формирање на Фискален совет, кој би имал за цел да ја зголеми фискална одговорност во земјава со независна анализа на фискалната политика и поттикнување на стручни расправи за фискалната политика. Фискалниот совет ќе биде формиран од страна на Собранието на Република Македонија и во него ќе членуваат истакнати експерти од областа на финансиите.
2. Воведување на јавно достапна интегрирана интернет апликација на сите буџетски корисници на која што ќе можат да се најдат детални информации за сите склучени јавни набавки и нивните изведувачи. И до неа да може да пристапи секој граѓанин од било кој компјутер.
3. Воведување на обврска власта секој месец да го објавува точниот број на вработените во јавниот сектор, заедно со детални информации за нивната распределба по буџетски корисници.
4. Унапредување на процесот на носење на буџетот со воведување на т.н. пред-буџетска изјава и објавување на сите придружни елементи на буџетот (програми и слично).
5. Два пати годишно да се објавува целосен пресек на приходите и расходите на буџетот.
6. Сите буџетски документи да бидат во формат кој овозможува споредби и економски анализи.
7. За подобро информирање на јавноста да се објавува т.н. Граѓански буџет – документ во кој на едноставен начин ќе биде прикажано каде точно е планирано да одат парите од државниот буџет.
8. Објавување на предизборни биланси на буџетот, два месеци пред изборите и пет дена пред нив.
9. Да се овозможи на граѓаните да имаат право да побараат специјална истрага (од страна на државната ревизија) за важни владини програми или програми каде се детектирани неправилности или неефикасност.
10. Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија да може да организира јавни дебати со експерти и стручни организации околу буџетот за следната година.
СДСМ презема обврска овие мерки да ги реализира при доаѓањето на власт.