Владејачката СДСМ потрошила 16 илјади евра за 25-те билборди кои ги нарача против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во екот на јавната војна што се водеше меѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, партија којашто ја поддржа нејзината кандидатура.
Од СДСМ за „Фокус“ велат дека за плаќање на билбордите не користеле буџетски пари, кои им следуваат на партиите, туку ги платиле од други извори.
-За вистината којашто скопјани многу добро ја знаат, а СДСМ ја покажа на 25 билборди, партијата не користеше буџетски средства туку свои извори на финансирање, членарина и донации.
Согласно Законот, партиите се финансираат и од чланарина и од донации. Сумата за билбордите е во рамките на можностите на партијата, околу 16 илјади евра (помалку од 1.000.000 денари), велат од СДСМ за „Фокус“.
Билбордите кои осамнаа викендов низ Скопје се изнајмени за околу еден месец, поточно за период од 17 септември, кога беа поставени, до 14 октомври.Тоа значи дека партијата еден билборд го платила по 650 евра.
Тие се во сопственост на компанијата „Акцент медиа“ на Филип Спасовски. На нив имаше слика на Мицкоски и прашање „кај е шпицниот градоначалник“, а слики од билбордите беа објавени прво на социјалните мрежи.
„Пари, тендери и бизнис интереси на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ли се кавгите во Град Скопје. 136 милиони евра“, пишуваше на билбордот.
Првично не се знаеше кој ги нарачал, дали Арсовска или некој друг, бидејќи токму таа го нарекуваше Мицкоски, шпицен градоначалник.
Арсовска вчера кажа дека таа не ги платила билбордите, а од СДСМ веднаш одговорија на прашањата на „Фокус“, дали тие ги нарачале билбордите и колку пари платиле.
Од ВМРО-ДПМНЕ за „Фокус“ обвинуваат дека Арсовска и СДСМ се во коалиција.
-Поразително е што СДСМ смета дека одбраната на Данела и трошењето на државни пари за лаги се поважни од справувањето со енергетската криза. Дополнително, СДСМ нарачуваат и спотови на телевизија што се стотина илјади евра народни пари. Ова е коалиција темелена на уцени и интереси, а кои се уцените и интересите, јавноста сигурно ќе види, велат од опозицијата.
Проценката на ВМРО-ДПМНЕ е дека нивните ривали потрошиле дури 35 илјади евра за билбордите.
„Фокус“ контактираше и со лице кое се занимава со овој бизнис и според него, еден билборд чини околу 500 евра.
Кавгата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ почна минатата недела кога таа го разреши директорот на скопски Водовод, Златко Перински и го обвини деа го местел тендерот за пречистителна станица на Вардар вреден 136 милиони евра. Речиси сите директори од партијата после кавгата си поднесоа оставки од функциите, а ВМРО-ДПМНЕ се огради од Арсовска.
Разидувањето на довчерашните партнери го искористи СДСМ и ги обвини и Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ дека ги интересираат само пари и тендери, па за тоа и се скарале.
Фросина Факова – Серафиновиќ