Поддршката кај граѓаните ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески одамна ја имаат загубено. Дури и советниците од ВМРО-ДПМНЕ им откажуваат послушност на Бакрачески и Никола Груевски, истакна денеска на прес-конференција Јован Стојаноски, координатор на советничката група на ОО СДСМ Охрид.
-ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески на последната седница на Советот на општина Охрид не можеа да обезбедат мнозинство гласови за да на дневен ред ја постават точката за донесување одлука за времени објекти, којашто беше дополнително побарана од службите на општината. Одлуката за времени објекти ќе имаше штетни долгорочни последици по развојот на Охрид, на ова СДСМ укажа уште на самиот почеток – истакна Стојаноски.
Според него, дека тоа е точно покажува и фактот што за нејзино поставување на дневен ред, покрај СДСМ и двајца независни советници, не се изјаснил ниту советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Не можејќи да ја контролира настанатата ситуација Бакрачески се нафрли врз дел од советниците и службите. Очигледна е нервозата кај највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои ја губат контролата во своите редови. Им се ближи крајот и затоа брзаат со донесување на неразумни одлуки, одлуки кои не се во интерес на граѓаните туку во интерес на бандата на Никола Груевски – додава Стојаноски.