Последната одлуката на нашиот стратешки партнер, САД е уште една потврда зошто итно е потребно да се донесе законот за рестриктивните мерки во македонското Собрание, се вели во реакцијата од СДСМ по ставањето на Катица Јанева и Стевчо Јакимовски на „црната листа“.
Законот, како што велат од СДСМ, од страна на Владата е доставен до Собранието и го повикуваат пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика, веднаш да го стави на дневен ред, а Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен.
„Треба веднаш да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство. Нема компромиси во борбата против корупцијата и криминалот и не смее да има дополнителни одлагања“, се додава во соопштението од СДСМ.
Оттаму велат дека секој чекор поблиску до ЕУ ќе значи позасилена борба против високата корупција и во иднина значително ќе влијае на намалувањето на ваквите случаи. Тоа, според СДСМ, ќе придонесе во обезбедувањето правичен правосуден систем.