Грижата за граѓаните продолжува, започнува реализација на мерката „зелена нафта“, сметките за парно поевтинуваат, парите се враќаат кај граѓаните, велат од СДСМ.
„Владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ во изминатиот период спроведоа низа мерки што се во интерес на граѓаните.
Над 3.100 вработени во градинките и над 1.700 вработени во системот за социјална заштита добиваат значително повисоки плати од над 3.000, односно од над 4.100 денари.
Започна реализацијата на мерката зелена нафта со која 200 милиони денари ќе се вратат кај 55.000 земјоделци кои ќе набавуваат поевтина нафта за механизација за 30 отсто.
Собранието го усвои Законот за земјоделско земјиште со кое се обезбедува фер, транспарентна и правилна распределба на државното земјоделско земјиште.
Со намалувањето на Данокот на додадена вредност за топлинска енергија од 18 на 5 отсто, се намалуваат сметките за парно греење за околу 200 денари месечно.
Дополнително, Град Скопје ја доби на трајно користење, топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас, Градски Енергетски Системи, со што се создаваат услови за дополнително намалување на сметките за парно.
Обезбедени се 500 милиони евра за изградба на новиот Клинички центар во Скопје, а деновиве беше отворен новиот Ургентен центар во Куманово кој ќе пружа здравствени услуги за над 200.000 граѓани од Куманово и кумановскиот регион.
Преку Програмата за рурален развој, доделени се 11 решенија за реализација на капитални инвестиции во општините Битола, Могила и Новаци во висина од над 100 милиони денари.
Започнат е процес за укинување на квотите за лекови, со што лековите на рецепт би биле достапни во текот на целиот месец.
Обезбедени се средства од 30 милиони денари за реконструкција на Универзална сала, симбол на културниот живот во Скопје и симбол на светската солидарност.
Ова се само дел од мерките реализирани во изминатиот период преку кои се унапредува квалитетот на живот на сите граѓани.
СДСМ останува посветена на реализација на мерки од програмата што обезедуваат економски раст и развој, помали трошоци и повеќе пари кај секој граѓанин“, додаваат од владејачката партија.