Пратеничката група на СДСМ и нејзините коалициони партнери денеска не присуствуваа на годишното обраќање на претседателот Ѓорѓе Иванов, а пред обраќањето координаторот Сугаревски рече дека Иванов целосно ја понижил институцијата претседател на државата.
-За сите клучни прашања, молчи и со задоволство ја прифаќа улогата, привезок на Никола Груевски. Ние тврдиме, а проектот ’Вистината за Македонија‘ го потврди тоа, дека изборите за изборот на Ѓорге Иванов се нелигитимни, криминални со груб фалсификат. Неговото однесување е – слика има, тон нема, рече Сугаревски.
Тој потсети дека Иванов молчел и за скандалот со тонското прислушување на над 20.000 граѓани од страна на, како што рече Сугаревски, власта на чело со ВМРО-ДПМНЕ.
-Дури и во ситуација кога Македонија е во сериозна криза Иванов е само нем сведок. Доцна е сега за Иванов, да имаше тој барем малку доблест, човечка, а не политичка ќе си поднесеше оставка на денот на потпишувањето на договорот од Пржино или во најмала рака ќе си заминеше заедно со Никола Груевски, рече Сугаревски.