Иванов: Да престанеме да се однесуваме како гости во сопствениот дом

by Фокус

Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска во Собранието го одржа своето годишно обраќање во кое зборуваше за политичката криза, националните приоритети, како и за хаосот во медиумите.

-Идната година, прославуваме четврт век од независноста и сувереноста, а дозволуваме некој друг да ни го моделира политичкиот и правниот систем.  Крајно време е да го надминеме овој погубен синдром на сервилност. Да престанеме да се однесуваме како гости во сопствениот дом. Државиот интерес мора да биде приоритет на секој еден од нас. И на партиите, и на институциите, и на цивилното општество, и на медиумите, рече Иванов.

Според Иванов, иако и во следната година, стратегиски и национални приоритети  се членството во ЕУ и во НАТО, главен приоритет за 2016-та е Македонија да биде „функционална држава што го одржува јавниот ред и мир, што се грижи за безбедноста и за одбраната, и создава услови за владеење на правото.

Претседателот потсети дека и тој самиот бил новинар, а според него, сега во новинарството пристојност и професионалност станале исклучок, наместо правило.

-Не смеете да трпите какви било влијанија, како од политичарите, така и од другите моќници. Мора самите да се изборите за најдобрите решенија кои ќе овозможат медиумите да си го вратат достоинството и угледот. Медиумите мора се изборат за нивната вистинска улога во општеството. И јас сум бил новинар. Знам дека еден човек може себе си да се нарече новинар само доколку новинарскиот занает го разбере како одбрана на вистината. Како одбрана на јавниот и државниот интерес од самоволието и од посебните интереси на кој било, моќник, политичка партија, бизнис, религија, рече Иванов.

На годишното обраќање на претседателот Иванов не присуствуваа ДУИ и СДСМ, кои сметаат дека тој нема легитимитет. Во Собранието денеска говорот на Иванов го слушаа премиерот, министри, началникот на ГШ на АРМ, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници.

Поврзани новости