СДСМ: Одлуката да се донесе обвинителен акт против Зоран Заев доаѓа директно од Никола Груевски

by Фокус

Од СДСМ се убедени дека одлуката на Јавното обвинителство за, според нив, конструираниот случај Пуч, не треба да биде изненадување за никого, затоа што, тие сметаат, тоа бил очекуван потег на власта откако од СДСМ со докази, аргументирано, било објавено под каква контрола на извршната власт е целокупниот систем во Република Македонија.

Социјадемократите сакаат да обрнат внимание и на фактот дека Јавното обвинителство во период од 30 дена, почнувајки од 24 април, требало да донесе одлука – или да поднесе обвинителен акт или да ја отфрли кривичната пријава на МВР за случајот, а Јавното обвинителство ја донело одлуката за само 6 дена, од вкупно 30 дена што ги имаше на располагање за донесување одлука.

Во соопштението на СДСМ упатено до медиумите стои и дека: „Тоа што вчера, јавниот обвинител, преку адвокатите побара да му бидат доставени пасошите на притворените Соња Верушевска и Бранко Палифров, за да ја замени мерката притвор со друга поолеснителна мерка на обезбедување, а сепак на крајот се донесе одлука за поднесување обвинителен акт и продолжување на притворот, само дополнително потврдува дека одлуката е донесена од Јован Илиевски, баџанак на Сашо Мијалков и Марко Зврлевски, директен извршител на власта на Никола Груевски“

Во СДСМ се убедени и дека одлуката, максимално брзо да се донесе обвинителен акт дошла директно од Никола Груевски и Сашо Мијалков, кои самите биле фатени во рушење на уставниот поредок и при вршење злодела врз граѓаните на Република Македонија.

Социјалдемократите објавија и дека очекуваат брзо да се донесе и пресуда против лидерот на опозицијата и другите лица кои се во притвор. Но, во СДСМ се категорични и дека „борбата за слобода и демократија продолжува и дека вистината е само една и единствена и таа ќе исплива на површина порано или подоцна“

Поврзани новости