Успешните економски политики на Владата предводена од СДСМ даваат реални резултати, соопшти СДСМ, откако Државниот завод за статистика објави дека просечната нето плата во април 2018 изнесувала 23.942 денари, што е за 5,6 отсто повеќе во однос на платата во април 2017 година.
„Зголемувањето на минималната плата ја отвори спиралата на раст на платите, фактот што околу 90.000 работници добиваат повисока плата позитивно влијае врз растот и на просечната плата. Мерките што се спроведуваат обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните, повисоки плати и подобар животен стандард“, стои во партиското соопштение.
Од владејачката партија истакнуваат дека со решавањето на спорот со Грција и со приближувањето на Македонија кон членство во НАТО и интеграцијата во ЕУ се очекува трендот на раст на платите да се засили и интензивира, со крајна цел просечната плата да достигне 30.000 денари веќе до крајот на 2019 година.