СДСМ: Обидите на ВМРО за рушење на СДСМ продолжуваат преку Шилегов

by jadranka 22:34
22:34

СДСМ вечерва со соопштение реагираше на искажаното од нивниот поранешен висок функционер во телевизиското интервју во „Топ Тема“ Петре Шилегов. Ова е продолжение на обидите од ВМРО за уривање на СДСМ од внатре преку Петре Шилегов и тоа веќе на сите им е јасно.

„Не се знае само дали Шилегов е уценет или купен? Имајќи ги предвид неговите склоности, пороци, приватните слабости и долгови, предавството на Шилегов на сопствената партија и на членовите на СДСМ е очекувано. Како што впрочем најави и претседателот Филипче.  Шилегов вечерва користеше иста реторика од прес конференциите и соопштенијата на ВМРО, дека сме биле „изолирана партија“ (термин на Мицкоски) која „седела со Груевски“.  Зошто? За да го спаси Мицкоски од обвинувањата дека е криминалец!“, остро одговорија од опозциската партија.

Тие во своето соопштение настапот на Шилегов го нарекоа дел од специјална операција на власта што трае веќе неколку недели секој ден.

„Жестоко удираат по СДСМ: Геро, Ивона, Бетмен, Наум, квислингот Деспотовски и на крај Шилегов. Сите ги командува еден центар: ВМРО. Целта е рушење на СДСМ. Разоткриени се. А за тоа како функционира оваа спрега, заедно со Шилегов, се покажа вечерва. Објавите на порталите од кујните на ВМРО одеа во живо, додека трае емисијата, не чекаа ниту минути, мораше навредите на Шилегов за претседателот Филипче веднаш да се објават. Дури Героски гостува и на поткаст, веднаш по завршувањето на емисијата. Минатиот пат ги координираше текстовите на Деспотовски.

Пораката на СДСМ до сите вас е јасна и силна: обидите за уривање нема да успеат, нема да застанеме, правдата ќе победи. Ќе се избориме со сите напади. СДСМ од ова излегува само посилен. Нема неколку вакви слаби обиди да нè поколебаат во нашата борба за слободна и демократска Македонија. Во оваа борба не сме сами – ќе ја водиме заедно со сите граѓани на Македонија кои сакаат подобра и посветла иднина за себе и за своите деца. Македонија се враќа во времето на Груевски и Мијалков, но знаеме дека по мракот секогаш доаѓа сонце! Нема да се предадеме! Борбата за слободна, демократска и европска Македонија започна!“, пишува во соопштението испратено од Центарот за комуникации на СДСМ.

 

 

Слични вести