Минатата седмица имавме прилика да видиме дека ВМРО-ДПМНЕ во Охрид се пресели во нови партиски простории. Јавноста штуро беше информирана дека новите простории се купени со сопствени средства на партијата. Се работи за атрактивна локација во центарот на градот, со пазарна вредност од над 300.000 евра. Народот во Македонија е сѐ посиромашен, а партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ сѐ побогата, изјави денеска Томислав Тунтев, пратеник од редовите на СДСМ.
– Според имотниот лист, станува збор за 123 метри квадратни во комплексот згради кај Старата автобуска станица во Охрид. Се поставува прашањето – како на партијата ВМРО-ДПМНЕ ѝ успева да се богати и луксузира додека граѓаните едвај да врзуваат крај со крај? Пред неколку месеци веќе обелоденивме официјални докази за тоа како ВМРО-ДПМНЕ за само три месеци, пред изборите оваа година, во повеќе градови низ Македонија стана сопственик на имот вреден над 1,6 милиони евра. Како ли партијата на Никола Груевски, којашто во 2011 година имала долг 3.5 милиони евра, за само три години подоцна стана сопственик на имот од над 1.6 милиони евра? Како успеа ВМРО-ДПМНЕ да врати 3,5 милиони евра и да собере уште 1,6 милиони евра за нов имот ширум Македонија? На кој начин партијата ги прибра тие пари? – праша Тунтев.