-Никаде во светот не е дозволено затворање на автопат на ваков начин. Особено не на толку долг временски период, 37 дена. Несериозни се споредби со земји со многу поразвиена сообраќајна инфраструктура коишто имаат можности за брзи алтернативни решенија за премостување на затворени делници, изјави денеска пред новинарите Благој Бочварски, претседател на Комисија за транспорт и врски на СДСМ.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ја претворила Македонија во несериозна држава во којашто е можно се што не е ниту замисливо за нормалните земји.
-Со тоа се зголеми сообраќајниот хаос на оваа улица, Никола Карев, попозната како Пластичарска, а инфраструктурата во Скопје ќе претрпи нови оштетувања. Дополнително, зголемениот сообраќај ќе предизвика уште поголемо загадување на воздухот во Скопје којшто одамна е најзагадениот град во Европа, изјави Бочварски.
Според него, е несериозно, неодговорно, економски и еколошки неисплатливо да се затвора автопат и обиколница на главен град 37 дена за само 78 илјади евра.