На градскиот плоштад во Неготино наскоро ќе никне нова фонтана. Градежните работи се започнати, веднаш до местото каде што веќе имаше фонтана, а неготинчани ќе добијат нов белег на градот, кој ќе чини околу 60.000 евра.
Наместо да се радуваат на новиот проект, граѓаните се прашуваат зошто им е фонтана, во градот познат по децениските рестрикции на вода. Имено, во Неготино нема вода секој ден, по неколку часа, а пак ноќе рестрикциите се целовечерни, односно од околу 23 часот, па се до раните утрински часови.
Од СДСМ Неготино, остро реагираат против изградбата на фонтаната, која што според нив не е приоритет во градот без вода, без породилно одделение, без лабораторија, без покриен градски пазар и без доволно паркинг простор во центарот.
,,Реконструкцијата, односно изградбата на фонтаната е проект за кој беа предвидени околу 60.000 евра, односно 3.600.000 денари. Овие пари се предвидени да се потрошат од буџетот на Општина Неготино. Значи, не се некоја донација или проект финансиран од страна! Советниците од СДСМ беа против оваа идеја, бидејќи сметавме дека има други приоритети кои се многу посуштински за граѓаните на Општина Неготино“, вели Васко Стефанов, претседател на СДСМ Неготино.
Тој објаснува дека градоначалникот Ванчо Апостолов, раскажал на седница на Советот дека видел некоја фонтана во Карпош, Скопје, и многу му се бендисала, па решил истата да ја направи и во Неготино.
Стефанов вели дека нема точни податоци како ќе изгледа новата фонтана и дали можеби ќе биде во барок.
Неготинчани веќе започнаа да постираат критики, но и шеги на социјалните мрежи и локални интернет групи, во кои што акцентот повторно го ставаат на недостигот на вода за пиење, а некои пак саркастично коментираат дека навечер, по десет – единаесет часот, кога започнува ноќната рестрикција, ќе може да се организира групно капење во фонтаната.
Сепак, дознаваме дека фонтаната ќе работи и во часовите кога граѓаните немаат вода за пиење, бидејќи било планирано еднаш да се наполни, а потоа истата вода постојано да се филтрира.
Проблемот со водоснабдувањето во Неготино е присутен повеќе од две децении. Досега ниту една власт не успеа да го реши, иако во своите предизборни кампањи, сите ветуваа дека ќе го испратат во историја.
Од неодамна започна реконструкцијата на водоводната мрежа, беа заменети старите водомери со нови во домаќинствата, но рестрикциите сепак остануваат присутни.
Она што посебно ги иритира граѓаните е тоа што ниту едно јавно гласило не доставува соопштение до јавноста, со кое што ќе бидат информирани секој ден, точно од колку до колку часот ќе немаат вода. Револтирани се и домаќинките, затоа што ноќе, кога имаат ефтина струја, немаат вода, па не можат да вклучат машина за алишта или садови.
Оние со подлабок џеб, проблемот го решија со поставување на хидрофори, чија цена се движи околу 600 евра, додека пак другите полнат шишиња и туби со вода.
Како едни од посебно погодените од рестрикциите се и фризерките и фризерите во Неготино, бидејќи тие без вода, букавлно не можат да работат. Затоа, кога муштериите им се најавуваат за бојадисување на коса, или било кој друг третман за кој е потребно миење, тие гледаат тоа да биде договорено во утринските часови, или пак попладне, додека има вода.
,,Обично вода доаѓа околу два или три часот попладне, па неодамна закажав бојадисување на коса за една клиентка, темпирајќи го времето за миење на бојата, да се погоди во време кога доаѓа водата. Но, се случи малер, водата каснеше, а мене започна да ме фаќа паника додека ја гледав жената како чека со бојата на главата, и се исплашив дека ќе и се уништи косата. Затоа така целата бојадисана, ја качив во автомобилот и ја одведов кај пријатели кои што имаат хидрофор, да ја измијам и да и ја спасам косата. Незгодни ситуации, но се трудиме да се прилагодиме и да се надеваме дека ќе дојдат подобри времиња’’ – ни раскажа познат фризер од Неготино.
Вики Клинчарова