СДСМ Неготино: Градоначалникот со службено возило си тера одмор, ние останавме без вода, ама со фонтана!

by Fokus
Градоначалникот заминал на одмор со службеното возило Пасат – тврдат од СДСМ Неготино за градоначалникот Ванчо Апостолов, кој што веќе неколку дена не доаѓал на работа.
Додаваат дека неговиот автомобил Рено Лагуна стоел паркиран на општинскиот паркинг, а службениот го нема.
 
,, СДСМ Неготино има информација дека Градоначалникот на Општина Неготино заминал на 21-ви јули на годишен одмор со службеното возило Пасат. Во меѓувреме веќе неколку дена е пуштена на пробно работење новата фонтана на плоштадот вредна 60. 000 евра. А, истовремено продолжуваат и рестрикциите на вода за пиење, па неготинчани мораат за основните хигиенски потреби да дојдат до плоштадот и да си наполнат вода. Претпоставуваме дека за свечено пуштање на истата ќе биде обезбеден криминалецот без пасош Груевски, за сликата да биде комплетна’’ – вели Васко Стефанов, претседател на СДСМ Неготино.
 
Апостолов демантира дека бил на одмор, и тврди дека е на службено патување со спорниот автомобил.
 
,,На службен пат сум, вечерва се враќам. Не сум го користел автомобилот за приватни потреби, се друго е лага’’ – не извести тој со СМС порака.
 
И додека се актуелни случувањата со службеното возило, неготинчани продолжуваат да се снаоѓаат бев вода за пиење, соочени со дневни и целовечерни рестрикции. Новата фонтана на градскиот плоштад, која веќе пробно е пуштена во употреба, и беше правена според теркот на фонтаната на Стевче Јакимовски во Карпош, се уште е топ тема и не престануваат негодувањата дека немало потреба од вакви инвестиции, кога не се задоволени основните потреби во градот.
 
На шега, од неготинчани, фонтаната веќе доби и име – Џенти Ди Треви, според прекарот на Апостолов, кој го добил во млади години по италијанскиот фудбалер Џенти и познатата фонтана Ди Треви во Рим, Италија. Не е познато дали откако градоначалникот ќе се врати во градот, ќе има свечено пуштање на фонтаната.
Вики Клинчарова

Поврзани новости