АРХИВА Лицемерни гангстерчиња

by Фокус

Nikola_FOtoТекстот е објавен на 15 јануари 2010 во неделникот „Фокус“ во број 759

Пишува
Никола МЛАДЕНОВ

Пред дваесетина години, Американците ја почнаа жестоката кампања против пушачите. Пушењето го означија како најголемо зло, а пушачите се третираа безмалку како најголеми злосторници. Во кафеаните со десетина маси, дали две-три беа резервирани за нив. И тоа најлошите, на чекор од тоалетот. Слично беше и по институциите. Забрана насекаде, освен во некоја мала пет-шест квадратна просторија, и тоа не во сите нејзини соединети држави. Нормално, пушачите се чувствуваа како Евреите под Хитлер, презрени на секој чекор од проповедниците на здравиот живот. Кутрите се плашеа да запалат и на тротоар…Од кај да знаат, дека меѓувремено не е донесен закон, кој за таков грев не пропишал две тупаници сред чело и три клоци по задникот?!

Со текот на времето, пушењето беше забрането на сите јавни места, но, резултатите се покажаа трагикомични. После десет години не дојде до намалување на бројот на пушачите. Слична судбина имаа и разните болести, кои сѐ уште се припишуваат како последица од пушењето. Но, лудилото не престана. Забраната се ширеше на Европа. Земјите од Унијата пропишаа директиви, кои речиси го пресликаа американскиот рецепт на Стариот континент. И, види чудо, најдисциплираната европска нација, германската, прва дигна раце, па мошне брзо ги олабави ригидните правила за угостителските објекти.

Така, Германија и Австрија ја докажаа познатата вистина, дека ЕУ не значи проста униформираност, туку простор за негување и на различностите. За жал, во умот на нашиве припрости властодршци се прпелка некоја друга Германија. Тие уживаат во глумењето поголеми католици од Папата, па донесоа закон за сто-два-процентна забрана на пушењето. Не само во кафеаните, ами и на терасите, на отворен простор!!!

За оние што го преферираат современиот германски модел на живеење, овој фундаментално антиевропски закон не заслужува сериозен коментар. Тој треба да се исмее, сосе неговите автори, кои немаат никаква допирна точна со реалниот живот. Тие си умислуват дека ќе го направат она што не им појде од рака на Американците. Ќе сме ја отргнеле нацијата од цигарите и со тоа ќе сме ќареле 70-тина милиони евра годишно, колку што здравството го чинеле болестите од пушењето?! Бре, мајката, од кој ракав е извадена таа бројка? Каде се доказите дека само пушењето било причина за сите тие болести? Нормално дека ги нема, оти сѐ уште нема несоборливи докази дека одредени болести немало да нѐ навјасаат, само доколку болните биле непушачи. Тоа е дел од пропагандата за наивните… Во крајна линија, што правиме ако операцијата се покажа успешна, па народот ги батали цигарите? Таксите што се плаќаат за нив се меѓу најголемите ставки во буџетот. Зар мислите дека тие се помали од 70-те божем заштедени милиони евра?!

Но, еве уште потешко прашање за нашите ,големи домаќини,. Што правиме со луѓето, доколку престанат да пушат и навистина почнат да живеат по пет години повеќе?

Кој ќе им плаќа екстра пензии, бре, преродбеници низаедни? Звучи морбидно, но, кај ќе стигнеме ако завладее таа ,домаќинска, логика, па нашиве гилиптeри заиграат целосно на таа карта? Замислите, станува Грујо на лева нога и сфаќа дека пушењето е спас за празните му пензиски фондови, па удира контра-кампања: Пушете луѓе, умрете побрзо, оти тоа е здраво за македонскиот буџет.
Мислам, голема идиотштина е тоа, сите аргументи да почнуваат и да завршуваат со некакви ѓоа финансиски ,бенефити,. Башка, додека евентуално направиме некој ќар после 15-тина години во ставката канцер, кој ќе ги плати денешните воспаленија на белите дрогови кај младите, кои пушат пред кафулињата на ова студено време?

Да простите на споредбата, ама овој закон ми наликува на желбата на Енвер Хоџа, од религиските објекти во неговата Албанија да направи домови на културата. Едноставно, 80 отсто од луѓето што одат во кафулиња, кафеани, ресторани… се пушачи. Кога нив ќе ги снема таму, тогаш тие ,порочни, места ќе треба веднаш да се трансформираат во библиотеки. Навистина не ми е јасно, што сака власта да направи од кафеаните?! Барем за неа демократијата почнува и завршува со мнозинството. По која, тогаш, гангстерска логика, таа сака да ја наметне волјата на 20 процентното малцинство врз четирите петтини пушачи во кафеаните?! Не личи тоа на оваа власт, која не почитува ама баш никакво малцинство – од политичко, преку верско, се до сексуално. Од каде, богати, таа напрасна грижа за непушачите во кафеаните?!

Според мене, законот против пушачите има сосема друга цел. Прво, донесен е од авторитарни типови, кои мислат дека проблемите се решаваат со најобични забрани.

Второ, тој прилега на асоцијални, примитивни луѓе, кои мислат дека кафеаната е место за пијанчење, а не за дружење, забавување, договарање… Тие не ја сфаќаат нејзината цивилизациска суштина, како родно и работно место на граѓанската демократија.

Трето, власта сака да тренира строгост, за Македонецот секогаш да чувствува некаков страв, да не прави нешто што е недолично или забрането. Оттаму, простациве сакаат да нѐ дефокусираат од сите други глупости што меѓувремено ги прават, за, патем, да соберат и некоја екстра пара од казните што по овој основ ќе ги наплатат од осиромашениот граѓанин, за да го пополнат ограбениот буџет.

Се разбира, додека ние се караме околу законот, тие ќе толерираат пушење во објектите на ,нивните, луѓе. Плус, на бунџиите ќе може да им препишат анти-европска етикета. Демек, еве ви ја Европа по која толку пекате… Тоа, секако, не е точно, но, со будалетинки не можеш да се разбереш, оти тие постојат само за да го нервираат човека!

Во секој случај, сакам законов да потрае барем пет-шест месеци. Да се применува, и тоа жестоко, додека секој пушач не плати барем две драконски казни, сосе угостителите што сѐ уште се чувствуваат незгодно, оти му вртат грб на Грујо, додека овој ги трти кај што ќе стигне. После ќе биде полесно… Откако сите ќе ги почувствуваат ,благодетите, од војничкиов модел на демократија, многу полесно и ќе се раатисаме од него.

Поврзани новости