СДСМ не се откажува од Законот за легализација на дивограби, Николовски вели дека нема да рушат

by fokus 17:41
17:41

Не смееме 50 илјади граѓани, семејства да ги оставиме без покрив над глава и ние мора да носиме одлуки, решенија на проблемите кои се генерациски, кои некој ни ги остави. Како што беше прашањето со името и многу други за кои влегуваме во нивно решавање и во овој поглед решенијата се или рушење на дивоградбите или соодветна правна законска рамка.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски одговарајќи на новинарско прашање откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

- Advertisements -

Николовски рече дека сега слуша оти шефот на државата не го потпишал Указот. -Секако дека СДСМ ги штити сиромашните, ранливите категории и во ниту еден случај нема да ги руши тие објекти. Меѓутоа треба низ соодветна постапка со вклученост на сите да се наоѓаат законски, легални и соодветни механизми на решавање на ова и на многу други прашања кои ни ги оставиле во наследство храбро да ги решаваме и да ја трасираме оваа земја напред, нагласи Николовски.

Според него, формално-правно е прашањето што понатаму, како и кој било друг закон. -Кога претседателот нема да го потпише се враќа во соодветна процедура, владина или собраниска и секако дека сите забелешки во секој поглед треба да бидат земени предвид при носењето на новите одлуки и законски решенија, изјави Николовски пред вакциналниот пункт на спортската сала „Борис Трајковски“, каде ја прими првата доза на вакцина за заштита од коронавирусот.

Поврзани новости