Владејачката СДСМ во соопштение до јавноста ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ за лицемерие кога зборува за рудникот во Иловица, потсетувајќи дека концесијата за овој и уште 85 други рудници се дадени во време на владата н оваа партија.
„Во време на зенитот на режимот, ДПМНЕ и Никола Груевски дадоа концесии за рудникот Иловица, но и други 85 концесии за рудници низ целата држава. Одлуката пак за рудникот Иловица, беше донесена на 16 јуни 2012 година, потпишана од соработникот на Мицкоски, Зоран Ставревски и објавена во Службен весник истиот месец 2012 година“, соопшти СДСМ.
Од СДСМ потсетуваат дека истата година, општините Општина Босилово и Општина Ново Село во тоа време раководени од градоначалници од ДПМНЕ, донеле одлуки за отворање на рудник.
„Ветувањето за рудници и концесиите беа и едно од главните ветувања на ДПМНЕ и Груевски на парламентарните избори во 2016 година. Во тој период Мицкоски беше советник за енергетика на криминалецот во бегство, Никола Груевски.Затоа, денес кога Мицкоски зборува нешто различно, прво лаже, а второ тоа е врв на лицемерие“, соопшти СДСМ.
Според владејачката СДСМ поради лошите и популистички одлуки на ДПМНЕ државата сега е ставена во судски лавиринти со години.
„СДСМ од прв ден бил против тие рудници и кога ДПМНЕ и Груевски дадоа 86 концесии за рудници СДСМ беше силно против“, соопшти владејачката партија.