Констатирано е значајно назадување на позицијата и угледот на Република Македонија на планот на надворешната политика, од година во година, со јасни белези за изолација и доведување во опасност на интегритетот, самостојноста, безбедноста и развојот на земјата, како и бесперспективност на нејзините граѓани, се заклучоците на Комисијата за надворешна политика на СДСМ, раководена од заменик претседателката Радмила Шеќеринска.
– Како суштински елементи за овие состојби се неконзистентната надворешна политика на актуелната Влада и маргинализацијата на дипломатската структура во креирањето, координирањето и реализацијата на стратрешките цели за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО. За нивна реализација потребно е создавање на обединувачки основи и единство во државата, за што Комисијата подготви нацрт стратегијата за надворешната политика на Република Македонија – се наведува во соопштението.
Комисијата за надворешна политика на СДСМ ги разгледала и подготвените решенија за осовременување на дипломатската структура, со цел одговарање на предизвиците во динамичните меѓународни односи, а за квалитетна одбрана на интересите на државата во странство и со странски субјекти.