Додека го чека мандатот за формирање на нова влада, во СДСМ тече внатрепартиска процедура за предлагање и избор на кандидати за градоначалници, така што некои општинински организации ги утврдиле предлозите за кои ќе одлучува партиската централа, додека други веќе избраа или допрва ќе ги бираат кандидатите на внатрепартиски избори.
Општинските организации предложиле по неколку кандидати секоја општина, при што, според информации на Фокус, како најсериозен кандидат за Скопје важи советникот во Град Скопје и потпретседател на социјалдемократите, Дамјан Манчевски, кој потврдува дека е еден од предложените кандидати.
-Но, има и други предлози на партиски членови, но и непартиски луѓе. Се уште е рано да знае кој ќе биде кандидатот – ни изјави Манчевски, додавајќи дека неговата партија инсистира локалните избори да се оддржат во редовниот термин во мај, бидејќи, според него, анкетите одат во прилог на опзоицијата.
Што се однесува до другите скопски општини, за најсериозени кандидати засега важат Златко Марин за Аеродром, Филип Темелковски за Кисела Вода, Душко Весковски за Карпош, а, како што велат партиски извори, најголеми шанси за Центар има првиот човек на општинската партиска организација и директор на Паркинзи на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Инаку, општинската организација на СДСМ во Битола до централата на Скопје испратила 12 кандидати за градоначалници, додека охридската организација спроведе внатрепартиски избори кандидат за градоначалник, на кои повеќе од 1.000 членови го избраа универзитетскиот професор Јован Стојаноски.
В.С.