Опозициската СДСМ реагира на изјавата на Хан дека важно е изборите да бидат фер, а не е важно кој ќе учествува на нив. Од СДСМ велат дека на еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, мора да му биде јасно дека нема квалитетни избори без еднакви можности за сите политички субјекти рамноправно да учествуваат во изборниот процес и граѓаните слободно да можат да го дадат својот глас.
-„Вистината за Македонија“ докажа како ВМРО-ДПМЕ и Груевски организираат избори со криминал и со корупција, преку притисоци, закани, фантомски гласачи, фалсификувани лични карти. И самиот комесар во изјавата потврдува дека дел од обврските не се исполнети. Тоа се токму тие што обезбедуваат фер и демократски избори: прочистен избирачки список (препорака на ОБСЕ/ОДИХР во 2011, 2013 и во 2014 година) и слободни медиуми (според Договорот од Пржино, планирано за август), се вели во реакцијата на СДСМ.
Од СДСМ додаваат дека без целосна реализација на договореното, нема услови за фер и регуларен предизборен и изборен процес.