Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ Мила Царовска денеска обвини дека исклучувањето на Мултиетничкиот синдикат за образование доаѓа, како што рече, по налог на првиот човек на ССМ Живко Митревски.
-Последните настани на синдикалната сцена во Македонија дополнително го разнебитуваат синдикалното организирање. Тоа е на директна штета на работниците и борбата за нивните работнички права. Ударот врз синдикалното движење, со исклучувањето на Мултиетничкиот синдикат за образование, доаѓа по налог на првиот човек на ССМ. Живко Митревски е добро познат на јавноста како човек којшто власта во заминување го држи со неколку функционерски месечни приходи. Само за да ги аминува штетните закони со коишто им се намалуваат правата на работниците и се влошува нивната положба, рече Царовска.
Таа додаде дека овој синдикален лидер, срамно, со власта ја договори минималната плата којашто од 2016-та година треба да достигне едвај 10.080 денари со што ги остави работниците во сиромаштија.
-Овој синдикален лидер го аминуваше Законот за безбедност при работа со што работниците незаштитени работат по секакви временски услови. Законот за работни односи со секоја негова измена и дополнување ги ограничува правата на работниците, а ги засилува правата на работодавачите. Власта во заминување очигледно ја користи секоја можност да ги спречи критиките за штетите коишто ги предизвикува, особено врз работниците, додаде Царовска.
Таа истакна дека СДСМ секогаш ќе реагира кога се загрозуваат интересите на работниците и нивните права и слободи.
-Синдикатот мора да се ослободи од политичко влијание на власта и да се обезбеди целосна независност на синдикалните движења. Никој не смее да забрани синдикатите да соработуваат со здруженија на граѓани и организации во одбрана на интересите на работниците, заклучи Царовска.