СДСМ: Мерки за поттикнување на инвестициите

by Фокус

Македонија има најниски инвестиции на приватниот сектор во целиот регион на Југоисточна Европа во периодот 2006-2013 година. Просечните инвестиции во основни средства на приватниот сектор во земјава изнесуваат 15,9% од БДП во последните седум години. Ова на прес конференција го соопшти Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија при СДСМ.

„Ова е убедливо најслаб резултат во регионот. На пример, во Албанија изнесуваат 22,6% од БДП, а во Бугарија 21,5% од БДП. Дури и Косово и Босна и Херцеговина имаат повисоки нивоа на инвестиции од Македонија. Проблемот кај нас е што актуелната власт се обидува да ги поттикне само инвестициите на странски компании, а ги заборави домашните.“ – потенцираше Тевдовски.

Затоа СДСМ најавува активна политика за поттикнување на инвестициите на домашните мали и средни претпријатија со објавување на првите три мерки

1. Формирање “Македонски бизнис фонд” што ќе има за цел да ги подржува инвестициите на малите и средните претпријатија во земјава. Фондот ќе обезбедува соодветни финансиски решенија за развој на домашни бизнис проекти. Почетната големина на овој фонд ќе изнесува 14 милиони евра. И тој  дополнително ќе биде ангажиран за реализирање на разни фондови на ЕУ за технолошки развој и иновации, што сега стојат неискористени.

2. Воведување на “Кредитен правобранител”, што треба да го подобри дијалогот помеѓу малите и средни претпријатија и кредитните институции. Кредитниот правобранител треба да обезбеди фер и праведен однос на кредитните институции кон малите и средни претпријатија, коишто за разлика од големите претпријатија, немаат правни и други служби за заштита на своите интереси.

3.Поддршка за “Кооперанти”: Секое мало и средно претпријатие кое што ќе сака да инвестира во бизнис со странска компанија од зоните, ќе може да конкурира за заем од Македонскиот бизнис фонд во висина до 100 илјади евра. Заемот ќе биде под исклучително поволни услови: 1% каматна стапка и 1 година грејс период.

 

 

 

 

Поврзани новости