Се уште е непознато кој дозволил Никола Груевски и неговите вооружени телохранители да заминат за Турција без соодветна безбедносна контрола и царинска проверка, повторно прашуваат денеска од опозицискиот СДСМ.
– Кој ја гарантира безбедноста на авионскиот сообраќај? Особено, ако се има предвид скандалот директно поврзан со Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски. Мијалков, минатата година беше приведен на белградскиот аеродром откако му бил пронајден непријавен пиштол во авионот со којшто полетал од Скопје – се наведува во партиското соопштение.
Од таму додаваат дека идентично, се докажало дека Мијалков поминал без соодветна контрола на скопскиот аеродром.
– По скандалот со полетувањето на Никола Груевски на одмор во Турција, заобиколувајќи ги безбедносните, царинските и другите процедури, јавноста очекува одговори на бројните прашања – се наведува понатаму во соопштението од СДСМ.