Патувањето на релација Удово – Демир Капија како руски рулет, нема ниту една полициска патрола на критичната делница

by Fokus

Во ек на туристичката сезона, кога колони од возила секојдневно минуваат по автопататот Демир Капија – Гевгелија, и јавноста е сведок на голем број на сообраќајни несреќи поради неприлагодена брзина на истиот автопат, нема ниту една полициска патрола да ги контролира или пак само да стои како предупредување за несовесните возачи кои што возат многу побргу од дозволеното.

Откако минатата недела брачен пар од Скопје загина, а нивното дете заврши со сериозни повреди, по сообраќајната несреќа која што поради претекнување ја предизвика српски државјанин на патот Удово – Демир Капија, голем број на граѓани на социјалните мрежи апелираа да се зголемат мерките за безбедност и претпазливост во сообраќајот и барем во летниот период да има зголемен број на полициски патроли на фреквентните патишта, да се постават предупредувачки билборди, камери… Сепак, единственото возило кое што го забележавме на тој дел на автопатот во нашата обиколка, беше возилото на итната медицинска помош, паркирано на бензинската станица во близина на Демир Капија. Не само што надлежните институции на ги засилиле мерките за безбедност, туку дури и нема кој да ги растргне камењата кои што се ронат од карпите покрај патот и таму остануваат со недели.

Додека возевме на релација Демир Капија – Гевгелија, забележавме колони од возила, претежно со српски регистарски таблички, вообичаени во ова време од годината, поради летниот одмор кој што Србите често го минуваат во соседна Грција. Голем дел од возачите, најверојатно со цел побргу да стигнат до својата дестинација претекуваат дури и на полна линија, а неретко се вози и многу побргу од дозволеното. За време на нашата мала пауза на еден од паркинзите, поразговаравме со неколку српски туристи, кои што велат дека се свесни за опасноста од брзото возење, но исто така и ни посочија дека нашата сообраќајна полиција може да направи ,,фабрика за пари,, од казни за пречекорување на дозволената брзина, доколку има свои возила кои што ќе ги ловат нервозните возачи или пак само да се постават камери во должина на критичниот дел од патот кој што се протега на околу триесет километри.

И за време на Илинденските празници кога илјадници граѓани се упатија кон Грција, и на граничниот премин Евзони се чекаше дури и по пет часа за влез, немаше ниту едно полициско возило на автопатот.

Од почетокот на годинава до сега, регистрирани се 1810 тешки сообраќајни несреќи, во кои што животот го загубиле дури 85 лица во земјава. Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата предводи кампања насловена ,,Стоп за насилната смрт на патиштата,, но очигледно дека кампањата останува само на зборови, бидејќи конкретно на критичниот дел од делницата Удово – Демир Капија нема никакви зголемени мерки за предупредување на возачите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости