СДСМ ќе ја пресече лентата за Демир Капија-Смоквица, но криминалот кој го откри дреме во фиока?

by fokus 11:27
11:27

Се очекува автопатот Демир Капија-Смоквица да биде пуштен во употреба на почетокот на следната година со што патувањето за Грција ќе се одвива по новоасфалтиран коловоз. Финализацијата на овој автопат доцни веќе година и пол. Почната во време на ВМРО-ДПМНЕ, изградбата ќе биде завршена од СДСМ, но истрагата за финансиски криминал не е ни одблизу готова.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека остануваат уште неколку финеси околу изградбате на делницата. Додаваат дека останува незавршена дислокацијата на еден далновод и изградбата на контролерен центар во близина на Неготино кој ќе биде мал објект, а ќе служи за мониторирање на состојбите со автопатот. За овие зафати да се реализираат ќе биде потпишан нов анекс на договор кој денеска Владата ќе го разгледува на својата редовна седница.

Иако градежните зафати се речиси готови, истрагата околу наводна проневера на илјадници евра не мрдна од мртва точка. Сомневања за криминал при изградбата на делницата се појавија уште во 2014 година кога СДСМ обвини дека од банки во Македонија биле извлечени 3,5 милиони евра во кеш. СДСМ презентираше документи и тврдеше дека грчки државјани, преку преставништвото на грчката фирма „Актор“ во земјава, подигале милиони евра од филијала на „Стопанска банка“ во Неготино.

- Advertising -

Сомневањата за криминал ги потврди Европската агенција за борба против корупција која отвори истрага против грчката компанија. Истрагата беше комплетирана во септември 2016 година, а наодите на ОЛАФ беа доставени до локалните органи на обвинителството, вклучително и до Јавниот Обвинител на Република Македонија и до грчкиот антикорупциски обвинител.

Грчкото обвинителство за борба против корупцијата во јуни годинава покрена обвинение против „Актор“ за сторено кривично дело перење пари и проневера на сума од 50 милиони евра при изградба на автопатот. Во меѓувреме и истражните органи во Грција отворија истрага поради сомнеж дека градежната компанија наводно понудила поткуп на официјални претставници од Македонија, за да го добијат договорот вреден 270 милиони евра.

Откако на македонската јавност и беа откриени сомневањата за финансиски малверзации, претходниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, ја одмрзна сметката на фирмата велејќи дека сомневањата биле на многу ниско ниво со што работата продолжи. Од Јавното обвинистелство веќе три години за овој случај велат дека прибираат податоци за утврдување на околностите.

Од „Актор“, пак, неодамна со соопштение до јавноста негираа дека има било каков криминал, измама или перење пари во врска со изградбата на делницата. Соопштија дека судските власти во Скопје по извршената ревизија во работењето утврдиле дека нема немало никаков прекршок и дека предметот од 2014 година е ставен во архива.

 

Поврзани новости