Санитарниот инспекторат го потврди хоророт на Гинекологија: По две бебиња во инкубатор, поплавени подруми и оштетени болнички соби

by Fokus

Во министерството за здравство на денешната прес-конференција ќе обелоденат се што откриле здравствените и санитарните инспектори при чешлањето на скопската Клиника за Гинекологија.

„Фокус“ дознава дека вчера во министерството за здравство се одржал состанок на кој, како што дознаваме присуствувала директорката на скопска Гинекологија, Викторија Јовановска и директорката на Државен здравствен и санитарен инспекторат Ирина Бухова. Нашата редакција располага со сите детали што денеска ќе бидат соопштени на прес-конферецијата.

Нашите извори тврдат дека инспекторите ќе ги откријат проблемите со кои се соочува клиниката, меѓу кои е и дека клиниката во првите три години откако е отворена функционирала како дивоградба и конечно е легализирана пред две – три години за да добие имотен лист. Исто така, директорката на ДСЗИ ќе посочи дека клиниката има зголемен обем на работа, но недостиг на кадри, како и тоа дека се сместени по две бебиња во инкубатор. Инспекторите откриле и дека има недоволен капацитет на системот за вентилација на ПИН, потоа дека се користат стари стерелизатори за греење на пелени, додека за транспорт за бебешки шишиња се користи оштетена и несоодветна количка. Исто така, констатирано е дека лактариумот е просторија без обезбедена проточна вода, како и тоа дека се чуваат отворени врати за време на извршување на интервенции.

Според нашите информации, инспекторите дознале дека заради протекување на плафонот оштетени се две болнички соби, а во болничките соби нема обезбедно плакари за пациентите и постелнината е стара и дотраена.

Но, тоа не се единствените проблеми кои ги откриле инспекторите. Бидејќи клиниката не била долг период легализирана, таа се уште функционира без технички прием. Исто така лифтовите на клиниката, наместо електрични се хидраулични, па така секој ден има по еден расипан лифт.

„Фокус“ пред две недели успеа да влезе на скопска Гинеколгија од каде што направивме ужасни фотографии, кои за првпат излегоа во јавноста. Во неделеникот веќе објавивме дека починале 127 бебиња во период од само осум месеци.

Како што дознаваме, во петок скопската Клиника за Гинекологија во 10 часот ќе ја посети премиерот Зоран Заев.

Ирена Мулачка

Поврзани новости