На конститутивна седница и избор на нов претседател на Собранието Ѓорге Иванов ќе биде известен дека е должен веднаш да му го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за состав на новата Влада, реагира СДСМ на изјавата дека излезот на кризата е во нови избори искажана во интервјуто на Иванов за унгарскиот весник „Magyar Hirlap“.
„Тоа го очекуваат граѓаните на Македонија кои избраа промени! 700.000 граѓани стојат зад ова барање, преточено во уставни 67 пратенички потписи за доделување мандат за состав на влада. Ѓорге Иванов нема право за личен спас на Никола Груевски да ги држи во заложништво граѓаните и Република Македонија! Со денешното интервју, Иванов самиот се разобличи во намерата да го поддржува Груевски во неговата цел за продлабочување на политичката криза. Но, двајцата, не смеат да го уриваат уставниот поредок, да предизвикуваат дестабилизација, да излегуваат со неразумни барања за нови избори, само затоа што Груевски има потреба да бара спас од одговорноста за криминалите што ги правел. На граѓаните и на државата им е потребна итна стабилизација по кредибилните избори и формирањето на парламентарно мнозинство на демократски начин. Единствено решение за излез од кризата е формирање нова Влада во најкус можен рок“, вели СДСМ и потсетува на Програмата на новата реформска Влада која што ја гарантира уставноста на државата, владеењето на правото и евро-атлантските перспективи.