СДСМ најави дека ќе поднесе кривична пријава против премиерот Никола Груевски за неовластено снимање и прислушување.
„Целата македонска јавност вчера виде како Никола Груевски ги снима и прислушува граѓаните и политичарите во Република Македонија. Прашањето е дали воопшто Никола Груевски е пресметлива личност и дали е свесен со ваквите постапки каква штета и нанесува на Република Македонија? Согласно член 151 и член 152 од Кривичниот законик неовластено прислушување и снимање не е дозволено. Значи, Никола Груевски го прекршил законот“, истакна Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Тој истакна дека доколку постоеле посебни истражни мерки, сторено е кривично дело согласно членовите 360 и 360а од Кривичниот законик, оддавање службена тајна.
„Сега Јавното обвинителство е на потег. Ајде да видиме како ќе постапи кога станува збор за Никола Груевски. Груевски треба да одговори од кога е следен лидерот на опозицијата, Зоран Заев? Претседателот на СДСМ јавно соопшти дека уште за време на криминалните избори минатата година, во разговор со Никола Груевски побарал одговори дали е следен и дали е под посебни мерки од МВР? Иако Груевски посочил дека наводно не е информиран и дека ќе ја консултира Гордана Јанкулоска, до денес, воопшто се нема произнесено за овој скандал, рече Шилегов.
Шилегов истакна и дека објавувањето на податоците за движењето на претседателот на СДСМ во провладините медиуми, пред околу една година, потврдува дека лидерот на опозицијата е следен подолг временски период.
„Значи Никола Груевски го следи, го прислушува и го снима лидерот на опозицијата долго време. Никола Груевски ги снима оние кои доаѓаат на политички средби во неговиот кабинет. Незапаметени примери без преседан во Европа и целиот демократскиот свет, заклучи Шилегов.