СДСМ ја почна постапката за избор на наследник на Заев

by fokus

Во исчекување на окрупнување на парламентарното мнозинство, во владејачката СДСМ почна постапката за кандидирање за претседател на партијата, откако социјалдемократите во петокот ја утврдија оставката на претседателот на партијата Зоран Заев и беа распишани внатрепартиски избори по пат на непосредно гласање, што ќе се одржат на 12 декември.

ДУИ, пак, со став дека ги поддржува внатрепартиските избори на СДСМ но смета оти Заев треба да почека со оставката од премиерската функција и е против предвремени избори.

Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе се кандидира за лидер на партијата.

– Во рокот од седум дена, ќе подготвам програма и ќе поднесам кандидатура за претседател. СДСМ е партија со најголем кадровски потенцијал и има поголем број истакнати членови кои би биле одлични кандидати. Постапката е демократска и секој што ги исполнува условите може да се кандидира. Она што е најважно, сите треба да се обединиме околу избраниот претседател, изјави Ковачевски „Фокус“.

Првиот вицепремиер Артан Груби вчера рече дека ДУИ ќе ја почитува внатрепартиската одлука на СДСМ за избор на нов претседател кој е најавен дека ќе биде избран на 12 декември.

Тој рече дека тоа е внатрешно партиско прашање на СДСМ што тие го почитуваат и нагласи дека им посакува голем успех на 12 декември на внатрепартиските избори за партиски лидер.

Поврзани новости