Единствена надеж за иднината на Дебар е патот на Арбер. Не заборавајте кога ќе се изгради патот на Арбер, ние ќе заборавиме на другите, крвта и душата ни се во Тирана, изјави за тетовската телевизија Арт градоначалникот на Дебар, Ружди Лата.
-Во Тирана има 150 доктори на науки само од Дебар. Дебар полека станува населба на Тирана. Нашиот сон верувам полека се реализира и од причина што на инстиктивен начин, кога управуваме едно возило секогаш раката оди десно, накај Тирана, накај Албанија. Тоа е носталгијата што ја имаме во душата, во чувствата, во убедувањата свеста – изјави Лата.
Оваа изјава на дебарскиот градоначалник од ДУИ дадена непосредно пред следните локални избори ја осуди СДСМ, од каде порачаа дека ваквата провокативна реторика не е во духот на заедништвото, интеграцијата и меѓусебното почитување на граѓаните.
„Ваквите јавни настапи одат во прилог само на оние кои креираат поделби и работат на поттикнување раздор и нетрпеливост, спротивно на европските вредности и демократските стандарди за коишто се заложуваме“, стои во соопштението на СДСМ.