Власта на Никола Груевски е фатена во финансиски малверзации со увозот на струја и во криминали во енергетиката, обвини денеска опозициската СДСМ.
-Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, кој е од редовите на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Кратово од вчера молчи – за чии интереси дозволува граѓаните на Македонија да плаќаат поскапа увезена струја за неверојатни 41,7 проценти?! На регионалните берзи цената на струјата е за 20 евра за мегават час поефтина од струјата што се увезува во земјава. Ставрески, Пешевски и Груевски ги сотреа граѓаните со нивните штетни и криминални политики, стои во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ велат дека фактите говорат дека во Македонија дури 40 проценти од електричната енергија се обезбедува преку скап увоз на струја, што автоматски ги качува сметките за струја.
-Поради тендер политиките на власта на Груевски, Македонија увезува скапа струја, енергетските капацитети во Македонија се неискористени, а освен жителите на Струмица и на Куманово кои користат евтин гас, граѓаните во Македонија плаќаат скапи енергенси. Како што го донесе гасот во Струмица и Куманово, СДСМ во Програмата предвидува енергетски политики што ќе обезбедат стабилен енергетски систем и поефтина струја и енергенси за сите граѓани во државата, се вели во соопштението.