СДСМ во Советот на општина Кичево отсега ќе настапува самостојно, како посебна советничка група, зашто работата со советниците на ВМРО-ДПМНЕ е невозможна, изјави денеска Слободан Аврамоски, претседател на ОО СДСМ Кичево.
– СДСМ не може да функционира со советници кои не се оградуваат од политиките на Никола Груевски, за кои што целата јавност слушна дека имаат криминални, теснопартиски цели. Се додека советниците на ВМРО-ДПМНЕ даваат поддршка на ваквите политики на Груевски, тие работат спротивно на интересите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ во Кичево е во неформална коалиција со ДУИ и работи исклучиво на исполнување партиски и бизнис интереси. Сето ова е неприфатливо за СДСМ – рече Аврамоски.
Советничката група на СДСМ, додаде тој, се фокусира исклучиво на проблемите со кои што се соочуваат жителите на Кичево и Кичевско и во наредниот период интензивно ќе работи на решенија за справување со нив.