СДСМ бара власта да дава месечен отчет за буџетските пари

by Фокус

Пратеничката група на СДСМ и опозицијата поднесоа до Собранието измени на Законот за буџетите, со кои власта ќе се задолжи да дава отчет за што и како ги троши народните пари. Комисијата за финансирање и буџет за ова отвора јавна расправа на 17 септември, на која СДСМ покани да учествуваат сите заинтересирани граѓански организации.

– Милиони евра пари на граѓаните изминативе 9 години се потрошени во нетранспарентни постапки. Тоа овозможува злоупотреби, корупција и криминал со парите на граѓаните. Колку е сериозна ситуацијата во Македонија говорат податоците од последното истражување на меѓународната организација Интернешнл Баџет Партнершип. Македонија е во групата земји како Зимбабве, кои обезбедуваат малку податоци за Буџетот. Потранспарентни се дури властите на Авганистан, Руанда, Конго. Поотчетни од власта на Груевски се властите на сите земји од регионот – изјави денеска во Собранието, пратеникот на СДСМ, Марјанчо Николов.

СДСМ со измените на законот бара Министерството за финансии на својата веб страница да објавува месечни извештаи за трошењата во сите министерства, агенции и фондови. Граѓаните месечно да бидат информирани колку нивни пари тие искористиле и за што, колку доспеани, а неисплатени обврски имаат институциите.

– Бараме Министерството за финансии на својата веб страница месечно да објавува и список на сите физички и правни лица по министерствата, фондовите, агенциите, на кои им биле извршени исплати од Буџетот, со податоци за датумот, износот и основот. Ова не се однесува на лицата кои редовно добиваат буџетски пари, како пензионерите и корисниците на постојана социјална помош. Но се однесува на лицата кои примаат плата преку Буџетот. Граѓаните мора да знаат колку лица се вработени во државната администрација и колку од нив добиваат плата од нивните пари, а не доаѓаат на работа, вели Николов.

СДСМ предлага вакви извештаи и списоци да доставуваат и сите јавни претпријатија и трговски друштва во државна или доминантно државна сопственост.

– Бараме Владата до Собранието да доставува квартални извештаи за извршувањето на Буџетот од тековната година. Сега нема никакви извештаи. Министерството за финансии доставува до Владата полугодишни извештаи, што не се доставуваат до Собранието. Комисијата за финансирање и буџет е отворена за сите заинтересирани здруженија на граѓани, кои преку стручната служба можат да го најават своето присуство и активно да учествуваат во креирањето на законските решенија, додаде тој.

Поврзани новости