Социјалдемократскиот сојуз денека порачува дека итно мора да запре блокадата на државата. Несериознота на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на Ѓорге Иванов ја оставија Македонија 5 месеци без Влада, а од денеска граѓаните се оставени и без градоначалници и советници, потсетува СДСМ.
„Доведена е во прашање егзистенцијата на вработените во општинските администрации и сервиси кои се под ризик да не добиваат плати и надоместоци, а граѓаните да не ги добиваат потребните општински услуги. Ова треба да биде последно предупредување до Ѓорге Иванов кој под итно треба да дејствува и да го додели мандатот за состав на Влада на претседателот Зоран Заев. Иванов е должен да ги следи граѓанските и државните интереси, а не интересот на Никола Груевски“, се наведува во соопштението.
Партијата нагласи дека Груевски и соработниците свесно создаваат хаос во државата, затоа што мислат дека преку дестабилизација ќе ги спречат промените и соочувањето со правдата.
„Порачуваме дека парламентарното мнозинство нема да дозволи парализа на државата. На легитимен начин, согласно Деловникот, Уставот и законите е избран новиот собраниски претседател, признаен од целата домашна и меѓународна јавност. Согласно Уставот, Деловникот и законите ќе биде избрана и новата реформска Влада, а ќе има и законски измени за утврдување на датумот за локалните избори.Нормализацијата на државата и евро-атлантските перспективи се врвен државен интерес и сите имаат законска обврска да ги овозможат и почитуваат демократските процеси што следат“, соопшти СДСМ.