ВМРО-ДПМНЕ нема ништо освен фабрикувани случаи од времето на режимот и заробената држава кога Зоран Заев им беше главна мета на измислици и монтирани случаи, реагира СДСМ кон обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за изборен криминал во Струмица, темелени врз објавата на италијанска „Ла Верита“ дека обвинителството пред 5 години прибрало докази за купување на гласови во Струмица, во што, според весникот, биле вклучени Заеви и други функционери на локално ниво.
„Не само што изборите во 2014 ги украде Никола Груевски, туку и обвинителството под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ не презело никакви дејствија. Наводите дека Зоран Заев бил вмешан во изборни нерегуларности во 2014 година им паѓаат во вода, затоа што ако навистина било така обвинителството под контрола на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе го процесирало. Изборите во 2014 година се симбол на изборните кражби на ВМРО-ДПМНЕ и почеток на политичката криза која заврши со пад на Груевски“, велат од СДСМ.
Во партиското соопштение се додава дека објавените „бомби“ покажале како ВМРО-ДПМНЕ правеле изборни кражби, преку, како што се наведува, штанцање лични карти, кражба на изборни материјали, гласање на починати лица…
„Денес, ВМРО-ДПМНЕ преку медиуми блиски до нив, со силни конекции со кадрите на ВМРО-ДПМНЕ како Андреј Лепавцов и Ѓорге Иванов, очајно се обидува да конструира непостоечки случаи. ВМРО-ДПМНЕ ги загубија последните локални и претседателски избори и ќе ги загубат и предвремените парламентарни избори“, порачуваат социјалдемократите.
Инаку, претходно ДПМНЕ обвини дека Заев со посебни истражни мерки во 2014 година е снимен како заедно со неговиот брат Вице Заев организираат злосторничко здружение за изборен криминал.
„Со еден збор, биле дел од изборен криминал, дело кое не е застарено. Зоран и Вице Заеви договараат одмазда кон неистомислениците и поткуп за оние кои се согласуваат да свиткаат кичма“, велат од ДПМНЕ.
Основата за ваквите препукувања всушност е италијанскиот весник „Ла Верита“, кој денес пишува дека постоечката документација во обвинителството се состои од извадоци од снимени разговори од кои, како што се наведува, може да се заклучи дека Заеви, отворено зборувајќи на телефон, управуваат со развиена мрежа за купување гласови базирана на пари и уцени, со цел добивање гласови, посебно од Ромите кои живеат во Струмица.