ВМРО-ДПМНЕ: Заеви во 2014 година се снимени во изборен криминал

by Фокус

Зоран Заев со посебни истражни мерки во 2014 година е снимен како врши кривично дело, постојат разговори во Јавното обвинителство во кои тој и неговиот брат Вице Заев организираат злосторничко здружение за изборен криминал, соопштија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако италијанска „Ла Верита“ денес објави дека обвинителството пред 5 години прибрало докази за купување на гласови во Струмица, во што, според весникот, биле вклучени Заеви и други функционери на локални ниво.

„Италијанскиот медиум „Ла Верита“ уште еднаш го откри криминогениот карактер на Заев. Тој во 2014-та година како лидер на СДСМ и градоначалник во Струмица заедно со неговиот брат Вице биле директни учесници во изборна корупција, изборен поткуп, закани, уцени и притисоци. Со еден збор, биле дел од изборен криминал, дело кое не е застарено. Зоран и Вице Заеви договараат одмазда кон неистомислениците и поткуп за оние кои се согласуваат да свиткаат кичма“, велат од ДПМНЕ.

Инаку, „Ла Верита“ денес пишува дека постоечката документација во обвинителството се состои од извадоци од снимени разговори од кои, како што се наведува, може да се заклучи дека Заеви, отворено зборувајќи на телефон, управуваат со развиена мрежа за купување гласови базирана на пари и уцени, со цел добивање гласови, посебно од Ромите кои живеат во Струмица.

„Гласачите кои одлучиле да соработуваат биле плаќани, за секој глас поединечно, од 10 до 25 евра, во две менувачници раководени една од Вице Заев и една од негов колега. Една од двете менувачници, „Даскал“, е во сопственост на Марјан Даскаловски, кој исто така бил избран за пратеник во Собранието заедно со Заев, и бил претседател на локалниот огранок на СДСМ. Во случај сумата да не била доволна да се убедат граѓаните, се одело и до таму да се понудат градежни матетријали за градење куќи или пак поврзување на домовите со комуналната инфраструктура. Човекот што бил главен за испазареното поврзување со или исклучување од комуналната инфраструктура, оној што ги контролирал вработените во општината е директорот на ЈП Комуналец-Струмица, Зоран Георгиев“, пишува „Ла Верита“.

Италијанскиот весник вчера ја отвори оваа тема, по што лидерот на СДСМ и довчерашен премиер Заев изјави дека постапката во обвинителството била една од алатките на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ за притисок врз опозицијата откако одбила да ги признае изборните резултати на изборите во 2014 година.

-Ако имале какви било докази, верувајте во 2014 година со целата сила на ВМРО-ДПМНЕ Заев ќе го осуделе. Значи тие немаа никакви докази, дури не отворија ни обвинителен акт заради тоа што немаше. Таму каде што се трудеа тоа да го претстават пред јавноста еве до крај со обвинителни акти за поткуп, за сите тие други предмети што ги водеа против мене, како што беше прислушувањето и слично, овде немаа ништо, беше една фама што ја создаваа се со цел да се оцрни тогаш лидерот на опозицијата Заев, а никако не можеа ниту да заокружат што било, каков било наратив да поднесат дури обвинение – изјави вчера Заев.

Поврзани новости