Повеќе од 15 имиња, меѓу кои поранешни и актуелни функционери, премиери, претседатели, министри, владејачката СДСМ на анкетите ги тестирала за кандидати за претседател на државата.
Од партијата за „Слободен печат“ брифираат дека сите имиња коишто ќе бидат евидентирани ќе бидат тестирани и преку анкети.
Одлуката ќе биде донесена врз основа на анализите коишто ќе ги вклучат и резултатите од истражувањата на јавното мислење.
Во општинските организации на партијата се споменувале имињата на актуелниот претседател Стево Пендаровски, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, министрите Славјанка Петровска и Оливер Спасовски, потоа Радмила Шекеринска, Ѓорѓи Спасов, Бранко Црвенковски, Сашо Орданоски, Маргарита Цаца Николовска, Зоран Заев, Венко Филипче и Јован Митревски.
Дел од внатрепартиските анкети се и имињата на Денко Малески и Ивон Величковски, а од партијата најавуваат дека анкетите ќе продолжат и меѓу граѓаните.
Дополнително, во СДСМ е отворен е и јавен повик за самокандидирање, преку оглас во дневни весници на македонски и албански јазик, што значи дека можат да се кандидираат и на личности кои не се од СДСМ, но ги споделуваат социјалдемократските вредности. Партиската процедура предвидува по номинацијата сите евидентирани кандидати за претседател на државата да се најдат пред раководството на партијата, а предвидена е консултација и со коалициските партии, како и одржување на конгрес за финален избор на кандидатот за претседател.