Исти училишни столчиња се набавувале по различни цени за различни училишта, некаде биле купени за 505 денари по столче, а некаде и до 1.062 денари по столче или за 110% повисока цена, реагираат денеска од СДСМ.
-Цената по која столчињата ги купило СУГС „Цветан Димов“ – Скопје е за 110% повисока од цената која за столчињата ја платило ОУ „Кочо Рацин“ во Петровец по тендер спроведен од општината. Во тендерите на трите училишта кои ги платиле највисоките цени за набавка на столчиња (ОУ „Кирил и Методиј“ – Тетово, СОУ „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка и СУГС „Цветан Димов“ – Скопје) немало конкуренција, односно добиена е само по една прифатлива понуда, и не била спроведена електронска аукција, стои во Индексот на рационалност изготвен од Центарот за граѓански комуникации, се вели во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ велат дека просечната цена што е плаќана за набавка на столчињата изнесува 799 денари. Пет училишта плаќале цена што е пониска од просечната, додека четири училишта цена повисока од просечната.