Народот виде како на иста маса седнале претставниците на анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-Преспа и анти-демократските структури во земјава, учесниците во крвавите дејствија од 27 април, заедно со оние кои декларативно се залагаат за евро-атланскиот курс на земјата и тепани на истиот 27 април, реагираат од владејачката СДСМ на Зоран Заев откако ВМРО-ДПМНЕ објави дека има ново парламентарно мнозинство со Левица, ААА и БЕСА.
„Овој состав значи конфликт на принципи, конфликт на ставови, конфликт на политики и конфликт на вредности. Таков политички состав не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата, бидејќи единственото заедничко на таа маса е желбата за власт. Доколку навистина има ново парламентарно мнозинство очекуваме тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова Влада“, соопштија од СДСМ.
Од партијата додаваат дека евентуалното ново мнозинство ќе треба да ја преземе одговорноста за справување со пандемијата и со енергетската криза, одговорноста за предизвиците кои следат со европските интеграции на земјата и усвојувањето на Буџетот за 2022 година.
„Деновиве ќе видиме дали Христијан Мицкоски има капацитет и одговорност за овие чекори и одговорности. СДСМ е на страната на граѓаните, на страна на националниот интерес и напредокот на државата. СДСМ нема да дозволи дестабилизација на земјата, поништување на Договорот од Преспа, нови кавги со соседите и поништување на сѐ што постигнавме заедно со граѓаните во изминатите четири години“, стои во партиското соопштение.
Воедно, од таму посочуваат дека има подржувачи на евроатлантската иднина помеѓу пратениците на политичките партии кои вечерва најавуваат ново мнозинство и луѓе кои, како што велат, не сакаат да влезат во пакт со нацистите и фашистите од Левица.
„Ги повикуваме сите демократски сили и пратеници кои сакаат продолжување на вистинскиот пат, патот на напредокот, на интеграциите во ЕУ, на правдата и економскиот напредок да не дозволат да остават траен печат со својот глас и да бидат споменувани како пратеници и луѓе кои ги донеле новите кавги со соседите, уназадувања на патот кон ЕУ, нови меѓуетнички конфликти“, порачаа од владејачката партија.