Ситуацијата со жолтицата е потполно иста како со листеријата. Жолтицата во Штип прво се криеше, а потоа Центарот за јавно здравје во Штип одрекуваше дека причинител е водата за пиење, обвини денеска д-р Ален Георгијев, пратеник од СДСМ и коалициските партнери.
– Виновникот, иако сеуште неофицијално, се покажува сепак во водата. Но, во таа вода од природните чешми, коишто не биле поврзани со јавниот водовод. Уште и штипскиот градоначалник излезе да советува да не се пие од тие чешми, посебно по обилните дождови, што можеби излеале фекалии во водите. Ако постоеле такви ризици, каде на чешмите стои официјално предупредување на граѓаните, од градските власти? Зошто не била направена навремена проценка дека ситуацијата може да ескалира во оваа насока, а природните чешми не биле пломбирани – праша Георгијев.
Тој потенцира дека ако бројката на заразени од жолтица во Штип е 30, во Скопје заболени се дури 66 лица.
– Кулминација на хаосот од неодговорната власт е признанието на Центарот за јавно здравје во Скопје дека постои можност зголемениот број заразени од жолтица да се должи на дождливиот период и излевањето на канализациите. Тоа се политиките за споменици, наместо за луѓе, на коишто СДСМ предупредува со години – вели лекарот од редовите на опозицијата.
Георгијев порачува наместо Груевски да троши, како што најави, речиси половина милион евра на реклами, што треба да ги научат граѓаните да се хранат здраво, власта да им пристапи на проблемите исклучително сериозно, а проблемот да го реши прво кај себе.