По повод настанот Трета недела на Италијанската кујна завчера во ресторанот ,,Воденица” во Скопје се одржал кулинарски настан, со цел промоција на италијанската ено – гастрономска кујна.
Од Италијанската амбасада се пофалија со одлично организираниот настан, па на својата Фејсбук страница ги споделија фотографиите од специјалитетите, но и од гостите кои имале можност да ги дегустираат.
Од она што може да види, заклучокот е дека добрата храна не познава никакви разлики, посебно не партиски, и како италијанскиот шеф Армандо Кодиспоти со своите деликатеси, можеби и несвесно, ни откри дека Парламентот ни е полн со гурмани. На иста маса, во неговите кулинарски вештини уживале политичари од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, оставајќи ги на страна своите секојдневни политички препукувања и несогласувања.
Радмила Шекеринска, Андреј Жерновски, Бетиан Китев, Христијан Мицкоски, Антонио Милошоски беа само дел од гурманите кои уживаа во вкусот на Италија. Инаку, италијанската кујна е позната како една од најдобрите во светот, и често се нарекува и храна на љубовта. Со избалансирани состојки, хармонија на префинети вкусови и мириси, ретко кој може да и одолее.
Ако се земе во предвид и онаа, старата, дека љубовта доаѓа преку желудникот, може само да им препорачаме на нашите политичари од спротивните табори што почесто да се дружат на иста трпеза.
Вики Клинчарова