Во Македонија само 30 отсто од возачите користат појас

by fokus

Нема изговори за некористењето на појасот во автомобилот, возењето без појас е причина за голем број сериозни повредени лица во сообраќајни незгоди, порачуваат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Истражувањата, како што наведуваат, покажуваат дека во Република Македонија, само околу 30 отсто од возачите користат сигурносен појас. Тој процент е уште помал кога се работи за сопатниците на предното седиште, а за патниците на задните седишта, процентот на лица кои користат појас е приближно еднаков на нула.

Во Македонија, според статистичките податоци, правилото за користење сигурносен појас, најмалку го почитуваат младите на возраст од 17 до 34 години.

Податоците покажуваат дека во помалите градови возачите поретко користат појас, отколку во главниот град Скопје, како и податокот дека појасот ретко се користи при возење во населено место, отколку надвор од населено место.

-Возачите од земјите во Европската Унија, користењето безбедносен појас го имаат сфатено многу сериозно, па оние возачи кои не го користат појасот, иако се во мал процент (10 отсто на предните седишта, а 25 отсто на задните седишта), се сметаат за „сериозен проблем“. Една од попроблематичните земји во ЕУ, во однос на користење безбедносен појас е Бугарија – само 55 отсто од возачите користат појас. За разлика од неа, во Германија, процентот на возачи кои користат појас е високи 93 отсто.

-Истражувањата од релевантните меѓународни организации покажуваат дека 50 отсто од возачите загинале поради тоа што не користеле појас, односно, сигурносниот појас го намалува ризикот од фатални последици при сообраќајни незгоди дури до 50 отсто.

Од РСБСП наведуваат дека од статистиката може да се заклучи дека некористењето сигурносен појас е сериозен проблем со кој се справува нашето општество и треба да се преземат сериозни мерки за негово решавање и спречување.

Покрај многубројните едукативни кампањи и активности, жално е да кажеме, но казнувањето на возачите и сопатниците е една од мерките што најмногу влијае врз дисциплината во сообраќајот, наведуваат од РСБСП.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во Република Македонија, возачот и лицата кои се превезуваат со возилото во кое се вградени сигурносни појаси, задолжително треба да користат појас кога возилото се движи во сообраќај на пат.

Секоја отстапка и секое непочитување на Законот се казнува со 40 евра во денарска противвредност или 25 негативни бода за возачот на возилото, додека за лицата кои се превезуваат со возилото а не користат сигурносен појас, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност.

-Иако казните за оние кои не користат појас се големи, сепак нема поголема казна од последиците од сообраќајните незгоди. Уништени животи, уништени семејства, траен инвалидитет, болка и траума што траат цел живот. Користењето сигурносен појас е избор меѓу животот и смртта. Добриот возач не само што знае да вози, туку и ги почитува сообраќајните правила и прописи, посочуваат од РСБСП..

Оттаму ги советуваат сите возачи да не дозволуваат возењето без појас да биде нивната „лоша навика“. Порачуваат користете појас секогаш и секаде – без изговори.

Оценуваат дека изгубеното време при ставање на појасот или минималното губење комоција додека се возите, не се ништо, во споредба со фактот дека појасот е чувар на вашиот живот.

-Запомнете, ефектите од користење сигурносен појас се посилно изразени при брзини кои се достигнуваат во населено место. Сообраќајните незгоди се случуваат секому, секогаш и секаде и тоа најчесто кога најмалку очекувате. Затоа, без изговори! Секогаш користете сигурносен појас, порачуваат од РСБСП.

Поврзани новости