Градоначалничките кандидати во Демир Капија, Лазар Петров од СДСМ и Андон Донев од ВМРО-ДПМНЕ се едногласни кога се загадувачките индустрии во прашање. И двајцата, во разговор за „Фокус” тврдат дека нивна цел е здравата животна средина, и потврдија дека ќе го потпишат зелениот договор на Здружението на граѓани Ековита од Неготино.
Според Ековита, повикот за потпишување на зелен договор значи обврзување на кандидатите, доколку освојат мандат, дека нема да дозволат на територијата на Вардарскиот регион изградба на индустриски капацитети со Г1 тешка загадувачка индустрија. Тука спаѓаат најавите за изградба на гасна централа за преработка на отпад од целата земја, односно отпад од увоз, топилница за железо и слично, односно проекти кои во изминатите неколку години се најавуваат и ги вознемирија жителите во регионот.
-Секако дека ќе го потпишам зелениот договор. И во мојата изборна кампања посебен дел е наменет токму на залагањата за здрава животна средина. Против било какви загадувачи сум, ќе стапам во контакт со надлежните од здружението и договорот ќе биде потпишан пред вториот круг на изборите. Целта на сите ни е да бидеме еколошки свесни и да се грижиме за здравјето и иднината – изјави Петров, кој се бори за втор мандат.
И неговиот противкандидат, Донев, кој инаку е вработен како наставник по историја, без двоумење тврди дека ќе го потпише зелениот договор.
-Ековита ја има нашата поддршка, договорот ќе биде потпишан. Се залагаме за здрава и чиста средина, најавената гасна централа за согорување на отпад во Дуброво е на само пет – шест километри од Демир Капија, во близина го имаме и воениот полигон Криволак каде се одржуваат вежби на НАТО, доволно е сето тоа, со оглед што немаме ниту една станица за мерење на загаденоста на воздухот во општината- порача Донев.
Од Ековита велат дека својот потпис кандидатите од Демир Капија ќе треба да го депонираат пред нотар. Истиот договор здружението им го понуди и на кандидатите од Неготино. Новоизбраниот градоначалник д-р Горан Стојанов од ВМРО ДПМНЕ веднаш изјави дека ќе го потпише, додека пак неговиот противкандидат Тони Делков, кој ги изгуби изборите, порача дека е против индустрија која е загадувачка, но според него, најавената гасна централа е добар проект. Исто така и пред две години, во видео пораки ги убедуваше граѓаните дека најавената депонија за индустриски отпад на фирма од Италија е добар проект кој ќе отвори работни места и нема да загадува.
Според неговите сограѓани, токму ставот по повод загадувачките индустрии и игнорирањето на гласот на граѓаните кои бараа Референдум против истите, во добар дел му пресуди на изборите кои ги изгуби со разлика од 1.016 гласа, а пак годинава на избори во Неготино излегоа дури 1.276 гласачи помалку за разлика од изборите во 2017 година.
Потпишување на зелениот договор или негово евентуално непотпишување од страна на кандидатите, според Ековита во голема мера ќе им помогне на граѓаните да одлучат за кого да го дадат својот глас на 31-ви октомври.
Вики Клинчарова