По денешната средба на лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Зоран Заев, што се одржа во партиското седиште на СДСМ, двете партии излегоа со идентични соопштенија во кои не откриваат ништо за темите за кои се разговарало.
-Ова е прва средба на лидерско ниво помеѓу Претседателот на ДУИ, Али Ахмети и претседателот на СДСМ Заев по предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година. На средбата начелно се разговараше за ставовите на двете страни коишто ги застапуваат во овој период, без навлегување во детали или разговори за одделни конкретни прашања. Во следниот период за очекување е дека ќе продолжат средбите помеѓу двете страни, за што јавноста благовремено ќе биде информирани- кусо соопштија од СДСМ и ДУИ.
Претходно, Ахмети се сретна и со Никола Груевски, а по средбата двете партии само рекоа дека било разговарано за актуелната политичка состојба, а била направена и анализа на резултатите од изборите.
Инаку, досега ВМРО-ДПМНЕ неколупати порача дека нема да ги прифати барањата на ДУИ за двојазичност и продолжување на мандатот на СЈО, а од СДСМ се уште се воздржани.