СДСМ и Алтернатива утре ќе ги донесат партиските одлуки од кои ќе зависи расплетот на политичката драма во однос на парламентарното мнозинство и опстанокот на Владата.
Централниот одбор на СДСМ утре ќе одлучува за оставката на претседателот Зоран Заев. Доколку истата биде прифатена, тогаш почнува да тече рокот од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател кој според Заев треба да биде и нов мандатар на Владата.
Алтернатива пак, утревечер во 18 часот има закажано седница на Централното претседателство, што беше одложена поради тридневната жалост и автбуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 патници.
Членот на Алтернатива и пратеник Скендер Реџепи Зејд изјави дека утревечер членовите на Централното претседателство треба да му дадат насока на Централното собрание, највисок орган на партијата, и тоа ќе донесе одлука дали тие ќе станат дел од Владата и парламентарното мнозинство или ќе останат дел од опозицискиот блок.